Арис приреди една од најголемите сензации во досегашниот тек на грчкото кошаркарско првенство, откако пред преполната сала „Александрио“ во Солун го декласира актуелниот грчки и европски шампион Олимпијакос со 100-78.
Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ беше дел од големата победа на солунскиот тим, кој одигра извонреден натпревар и целосно го надигра фаворизираниот противник.
Ова е особено значаен резултат за Арис, кој со ваква претстава покажа дека може да се наметне и против најсилните екипи во Грција. Домашниот состав беше расположен во нападот, но и доволно цврст во одбраната за да го остави Олимпијакос на само 78 поени.
Посебно важен момент се случи веднаш по паузата, кога Димитријевиќ погоди тројка, а потоа и Џеремаја Робинсон-Ерл реализираше од далечина за Арис првпат да стигне до двоцифрена предност (53-43). Тоа беше почетокот на периодот во кој домашните целосно ја презедоа контролата.
Предводени од расположениот Мет Морган и одличната тимска игра, кошаркарите на Арис постепено ја зголемуваа разликата. По третата четвртина веќе водеа со 76-59, а во завршните десет минути не му дозволија на Олимпијакос да се врати во натпреварот.
Димтиријевиќ повторно беше главен двигател на Арис, постигнувајќи 19 поени, шест асистенции и два скока за нешто помалку од 28 минути на теренот. Поефикасен од него беше само Морган со 21 поен.
Со оваа победа, Арис им избега на Панатинаикос и Олимпијакос на два бода разлика, а пред него е само ПАОК кој досега е со максимален ефект по седум кола од грчкото првенство.


