Екипата на Реал поведе со 1-0 во полуфиналето од шпанското првенство откако на домашен терен ја прегази Барселона со 97-78.
Со тоа делумно ги залечи раните за поразот во финалето од Евролигата во кое загуби од Панатинаикос. Реал направи голема предност на почетокот од третата четвртина која ја отвори со 17-2 (притоа и серија од 15-0) и отиде на 61-38. Барселона во последниот квартал се доближи на осум поени разлика, но Љуљ со три неверојатни тројки повторно го однесе својот тим на комотни +15 и ги реши сите дилеми околу победникот.
Кампацо и Таварес беа најдобри кај Реал и остварија дабл дабл, првиот со 20 поени и 10 асистенции, а вториот со 18 поени и 15 скока. Кај Барселона се истакна Лапровитола со 13 поени. Полуфиналната серија се игра до три победи, а вториот меч е повторно на теренот на Реал.


