Шпанскиот првак Реал го бележи најлошиот старт во домашното првенство во последните 20 години и најлош во сите натпреварувања во последните 16 години, но тренерот Чус Матео не покажува слабост и покрај тоа што бараше засилувања.
Синоќа мадридскиот гигант го доживеа петтиот пораз во осмиот меч во сите натпреварувања сезонава што не се случило од 2008 година. Досега загуби од Уникаха, Ла Коруња, Баерн, Билбао и Басконија како последица на што Реал е далеку од врвот и во првенството и во Евролигата, а ќе треба да се вади утре на домашен терен против европскиот шампион Панатинаикос. По вчерашниот неуспех во дуелот со Басконија, Матео ги изненади сите со својата изјава.
„Одбранбено, направивме чекор напред. Неколку пати ја принудивме Басконија без шут да ги заврши нападите и за нас тоа е напредок. Очигледно е дека ни треба самодоверба, неколку победи за да почнеме да играме добро во континуитет“, рече тренерот на Реал.
Победата што ја бара тој треба да дојде утре против Панатинаикос, во репризата на финалето од Евролигата од минатата сезона. Ако не се случи тоа, поправен испит ќе биде мечот со Жирона в недела.


