Репрезентативецот на Македонија, Ти Џеј Шортс го одигра својот најдобар натпревар оваа сезона и тоа против најтрофејниот европски клуб Реал.
Панатинаикос славеше како гостин во Мадрид со 87-77, а прво име во грчкиот тим беше плејмејкерот кој последните недели доби низа критики од својот тренер Ергин Атаман, па и од сопственикот на клубот Димитрис Јанакопулос. Шортс денеска ја презеде лидерската улога и тотално го потопи Реал кој има многу проблеми во почетната фаза од новата сезона.
Шортс на теренот помина безмалку 33 минути и за тој период постигна 19 поени, шест асистенции и четири скока, тотално засенувајќи ја првата ѕвезда на Панатинаиос, Кендрик Нан кој остана на само осум поени. Со сето тоа, македонскиот репрезентативец оствари индекс 24, убедливо највисок во својот тим и втор на мечот, зад Таварес кој имаше 30. Ова не е првпат Шортс да игра добро против Реал, минатата сезона во плејинот, Американецот со македонски пасош блескаше, постигнувајќи 23 поени и 9 асистенции и го одведе Париз во разигрувањето за титулата.
ПАО сега има биланс 7/4 и е со една победа помалку од водечкиот двоец Хапоел-Црвена Звезда.
РЕЗУЛТАТИ
Црвена Звезда – Монако 91-79
Фенербахче – Хапоел 74-68
Париз – Валенсија 90-86
Реал – Панатинаикос 77-87
Макаби – Басконија 89-83


