Втора година по ред, екипата на Реал Мадрид не успева да го освои трофејот во Суперкупот на Шпанија.
Лани загуби од Уникаха, а годинава од Валенсија која се реваншираше за поразот во финалето од шпанскиот плејоф минатата сезона. Повратникот во Евролигата славеше со 98-94 за свој втор триумф во Суперкупот, по оној во 2017 година кога беше и шампион на Шпанија.
Валенсија подолго се наоѓаше во водство, но победникот се решаваше во последните 2-3 минути од натпреварот. Реал во финишот имаше проблеми со личните грешки, во финалната четвртина направи дури 13 фаули, а поради пет лични грешки, теренот мораше да го напушти Валтер Таварес што беше уште еден голем проблем за мадридскиот тим.
Во клучните моменти, Камерон Тејлор постигна кош под фаул и ја однесе Валенсија на +6, Кампацо со тројка ја врати неизвесноста, но потоа Андрес Фелис ја нагази аут-линијата при изведување на Валенсија од под кошот за што доби техничка грешка и Валенсија ја запечати победата.
И покрај поразот, Реал останува убедливо најтрофеен тим во Суперкупот со девет титули, Барселона има пет, Басконија четири, Валенсија две, а Уникаха и Гран Канарија по една. Од 2018 година, Реал игра во секое финале во ова натпреварување.


