Актуелниот шампион на АЦБ лигата, Реал Мадрид се најде во неочекувани проблеми откако шпанскиот суд издаде налог за апсење на поранешниот член на овој клуб Маркус Слотер.
Проблем е лажниот пасош на Екваторијална Гвинеја со кој Слотер играше во Реал бидејќи играчите од оваа африканска држава, Шпанија ги смета како домашни затоа што станува збор за нејзина поранешна колонија. Според одредби од една спогодба, 78 држави од Африка, Кариби и Пацифик се сметаат за територии на Европската унија.
Слотер со документи од Екваторијална Гвинеја играл во сезоната 2014/15 кога Реал ја освои тројната круна, но спорни се само титулите од Шпанија и Копа дел Реј бидејќи во Евролигата нема ограничување за странски кошаркари. Во домашната кошарка е проблем затоа што можат да играат само двајца странци, а во тој период местата ги покриваа Факундо Кампацо и Густаво Ајон. Пасошот од Екваторијална Гвинеја му овозможувал на Слотер да игра како домашен играч.
Деценија подоцна е утврдено дека африканската држава издала уште еден пасош на тогашниот играч на Фуенлабрада, Енди Панко. Броевите од нивните пасоши апсолутно се поклопуваат.
Откако е ова откриено, за Реал се можни три опции. Првата е да му бидат одземени двата домашни трофеја кои во таков случај би ѝ припаднале на Барселона, втората е само да му бидат одземени трофеите без да ѝ бидат доделени на Барса, а третата е запишување во пораз на Реал на секој натпревар од таа сезона во кој настапил Слотер. Од сите три варијанти, јасно е дека најреална опција е Реал да остане без пехарите во АЦБ лигата и Копа дел Реј, освоени во 2015 година. Сепак, има надеж тоа да не се случи ако Реал се брани со тоа дека никој во клубот не знаел дека документите се лажни.


