За разлика од најголемите европски клубови кои во септември ќе имаат згуснат распоред и учества на турнири, шпанскиот првак Реал Мадрид одлучи повеќе време да посвети на заеднички тренинзи.
Тимот на Чус Матео закажа само три пријателски натпревари пред официјалниот старт на сезоната, односно Суперкупот на Шпанија, а два од тие три меча ќе бидат против екипи кои се далеку од европскиот кошаркарски крем. Единствениот екстра ривал ќе биде Монако со кого Реал ќе се сретне на 11 септември, претходно, на 7 септември ќе игра против португалскиот прволигаш Бенфика, а генерална проба за новата сезона ќе биде дуелот со Варезе на 14 септември.
Официјален старт на сезоната за Реал е мечот од полуфиналето на Суперкупот на Шпанија, против Барселона на 21 септември, а шпанското првенство го почнува со Ла Коруња на 29 септември. Евролигата стартува на 3 септември, а прв ривал на Реал ќе биде Баерн во Минхен.
Во текот на летото, Реал доживеа многу важни измени во составот и остана без шестмина кошаркари кои беа меѓу носителите на играта. Во пензија заминаа Серхио Родригес и Руди Фернандес, Фабиен Козер се пресели во Олимпија Милано, Карлос Алосен во Гран Канарија, Венсан Поарие во Анадолу Ефес, а Гершон Јабуселе во Филаделфија 76. Тимот го засилија Ксавиер Ретан Мејс од Јенисеј, Серж Ибака од Баерн, Андрес Фелис од Хувентут и Усман Гаруба од Голден Стејт.


