Иако во новиот милениум Грција на големите натпреварувања ја претставуваа врвни кошаркари, никој никогаш не успеа да го надмине Никос Галис.
Поранешниот плејмејкер на Арис и Панатинаикос беше најзаслужен за првата европска титула на Грција, освоена во 1987 година и е прв кошаркар во историјата кој ја надмина границата од 1.000 поени на континенталните натпреварувања (1.030). Тој има пет учества на европските првенства, но во негово време на овие шампионати играа само по 12 репрезентации, па со тоа и бројот на натпревари беше многу помал. Да ги имаше сегашниот систем, Галис сигурно ќе беше апсолутно најдобар стрелец, но во моментов е на четвртото место, зад Гасол, Паркер и Новицки кои имаа среќа да играат во „новата ера“.
Рекордот на Галис се однесува на просекот на постигнати поени на едно Европско првенство. Конкретно, спомнатото во 1987 година постигнуваше по 37 поени на натпревар, ефект кој тешко дека некогаш ќе биде надминат. Галис, всушност, ги има првите четири места во оваа статистичка категорија бидејќи во 1989 година постигнуваше по 35,6, во 1983 по 33, а во 1991 година по 32,4 поени на натпревар и на сите овие четири првенства беше најдобар стрелец. Ниеден друг кошаркар во историјата не ја минал границата од 30 поени во просек.
За споредба, Тони Паркер во 2013 година беше прв стрелец на првенството со просек од 19 поени. Најблиску до Галис е неговиот помлад сонародник Јанис Адетокунбо кој на претходниот шампионат, во 2022 година, просечно постигнуваше по 29,3 поени.


