И по 23 години, Партизан не може да се пофали со победа против Басконија во Виторија и покрај тоа што повторно имаше шанса да ја прекине агонијата во баскискиот главен град.
Басконија славеше со 88-82 во мечот од првото коло на Евролигата, колку да му покаже на реновираниот Партизан дека има уште многу работа пред себе за да биде конкурентен во елитното натпреварување. „Црно-белите“ го диктираа темпото од средината на првата до средината на последната четвртина, но потклекнаа во клучните моменти.
Една серија од 8-1 во последниот квартал ја однесе Басконија во водство од 75-72, а во последните секунди, домаќините имаа повеќе концентрација и заслужено стигнаа до триумфот. Својата шанса Партизан ја пропушти на стартот од второто полувреме кога ги достигна највисоките +9, но потоа одбраната застана и шпанскиот претставник доби премногу слободен простор што, едноставно, не можеше да не го искористи.
Од останатите резултати, за одбележување е поразот на Реал на гостувањето кај Баерн со 89-97. Екипите чии дуели се многу попознати по фудбалските екипи, приредија спектакл, а шампионот на Германија славеше благодарение на серијата од 13-0 во последната четвртина.
РЕЗУЛТАТИ
Алба – Панатинаикос 77-87
Монако – Олимпија Милано 93-80
Жалгирис – Барселона 74-67
Басконија – Партизан 88-82
Баерн – Реал 97-89
Макаби – Асвел 89-82


