Андреј Јакимовски одигра помалку од седум минути во убедливата победа на Наполи над Будуќност со 93-75 во Подгорица ви рамките на Европкупот, а македонскиот репрезентативец доби ограничена минутажа поради полесен проблем со повреда.
Тренерот Јасмин Репеша не сакаше дополнително да го оптоварува Јакимовски, па реши да не ризикува и да му даде минимална минутажа. За времето поминато на теренот, македонскиот репрезентативец запиша еден поен и еден скок. И без негов поголем придонес, Наполи одигра одличен натпревар и стигна до убедлива победа во „Морача“.
Италијанскиот тим уште во првото полувреме ја најави победата, откако на паузата замина со огромни 20 поени предност – 53-33. Во третата четвртина разликата дополнително се зголеми и достигна максимални 28 поени.
Будуќност немаше сили за пресврт, па Репеша без проблем можеше да го чува Јакимовски и да не ризикува со неговото здравје. Најефикасен кај Наполи беше Зак Сељас со 23 поени, Џек Вајт постигна 17, додека Џефри Даутин додаде 12. Кај домаќините Јоги Ферел беше најдобар со 19 поени.
Наполи бележи одличен старт на сезоната и во четирите одиграни натпревари досега во италијанското првенство и Еврокупот, забележа исто толку победи.


