Националните селекции веќе ги почнаа подготовките за јулскиот „прозорец“ на ФИБА во кој ќе се играат натпревари од квалификациите за Светското првенство 2027 и претквалификациите за Европското првенство 2029.
Македонската репрезентација треба да одигра уште два меча од првата претквалификациска фаза, против Ирска на домашен терен на 2 јули и Луксембург на гости три дена подоцна. Нашите кошаркари сами одлучуваат за првото место на табелата кое води во следната рунда бидејќи досега имаат максимален ефект и предност од две победи пред Луксембург.
Сепак, селекцијата на Луксембург максимално сериозно ги сфати овие натпревари, па првата фаза од подготовките ги одржува во Валенсија. Селекторот Кен Дидрих на пат однесе 16 кошаркари кои една недела ќе тренираат заедно и од нив ќе бидат избрани финалните 12 кои ќе се сретнат со Азербејџан и Македонија, на домашен терен.
„Ова е исклучително важен дел од нашите подготовки. Ќе одржиме седум тренинзи и еден пријателски натпревар. Имаме неколку нови млади момци во тимот и затоа овој камп ќе биде многу корисен како тим, бидејќи сме во средината на генерациска промена во националниот тим. Објектот во Валенсија е неверојатен, еден од најдобрите во Европа. Нашиот фокус е на напорна работа и учење, целта е да се подготвиме и да ги добиеме следните натпревари во јули. Првиот натпревар против Азербејџан ќе биде ‘полуфинале’ и ако победиме на тој меч, не очекува потенцијална финална пресметка Македонија“, рече Дидрих за сајтот на Кошаркарската федерација на Луксембург.
Дури и ако не успее да се искачи на првото место, Луксембург има шанси да продолжи во следната фаза како најдобра второпласирана екипа, но така мора да ги добие двата дуела. Федерацијата веќе ги пушти во продажба билетите за натпреварот со Македонија и тие чинат меѓу 15 и 18 евра.


