Поранешниот кошаркар на Атланта, Бостон, Хјустон, Торонто и Реал Мадрид, Бруно Фернандо денеска официјално е претставен како нов играч на Партизан.
Со неговото доаѓање, „црно-белите“ конечно го решија проблемот на центарската позиција бидејќи станува збор за искусен, 27-годишен кошаркар кој, меѓу другото, е и репрезентативец на Ангола. Летово со својата селекција триумфираше на првенството на Африка и беше избран во идеалната петорка на шампионатот.
Во НБА не остави длабока трага, за шест сезони одигра само 220 натпревари, а минатата играше само два месеца бидејќи во јануари беше отпуштен и кариерата ја продолжи во Реал со кого триумфираше во шпанското првенство.
Се очекува Фернандо да пристигне во Белград во текот на утрешниот ден кога ќе ги помине лекарските прегледи и треба да му се стави на располагање на Жељко Обрадовиќ пред дуелите со Хапоел и Барселона.


