Откако минатата недела женската јуниорска екипа на Вардар го победи МЗТ Скопје и ја освои шампионската титула во својата категорија, денеска истото го направија и „црвено-црните“ кадетски.
У16 екипата на Вардар е првак на Македонија по триумфот против својот градски ривал со 59-47. И овој натпревар, како и тој минатата недела, не донесе резултатска неизвесност, со таа разлика што не беше се решено уште во првата четвртина.
Вардарки подобро го отворија мечот и по 10 минути игра имаа 18-7, на голем одмор заминаа со +12, а највисоката предност ја достигнаа на две минути пред крајот на третиот период (49-28). МЗТ не дозволи да доживее катастрофа, се доближи на само седум разлика во последната четвртина, но не успеа да ја загрози победата на Вардар.
Мила Начевска со 18 поени беше најефикасна на мечот, но капитенот на Вардар, Пислевска беше блиску до трипл дабл (13 поени, 15 скока, 8 асистенции) како резултат на што заслужено го понесе МВП признанието. МЗТ Скопје го одигра мечот со само шест кошаркарки, најефикасна беше Сарафилоска со 15 поени, а Карајованова и Милосављевиќ остварија дабл дабл.
За младинските екипи на Вардар ова е трет трофеј сезонава откако претходно триумфираа помладите пионери (У12) и јуниорките.


