Најквалитетното европско кошаркарско натпреварување Евролигата од сезоната 2025/26 планира големи промени во својата структура и начинот на функционирање.
Грчкиот весник Газета објави детали за промените кои засега се во фаза на разгледување и во текот на следните десетина месеци ќе треба да се преточат во конечно решение. Ако тие се усвојат, Евролигата уште повеќе ќе се доближи до начинот на функционирање на НБА лигата.
Пред се, бројот на учесници во Евролигата ќе се зголеми од 18 на 20. Се разгледуваат сите опции како ќе функционира лига со толкав број учесници, односно дали ќе се играат 38, место 34 кола или екипите ќе се поделат во конференции, по примерот на НБА. Кога станува збор за ова прашање, во план е да се зголеми и бројот на акционери во Евролигата, од 13 на 15 или 16. Меѓу кандидатите за влез во акционерите се Монако, Виртус, Црвена Звезда и Партизан.
Втора битна работа е селари-капот, по примерот на НБА лигата. Буџетот за плати е плнирано да биде ограничен на 12 милиони евра по сезона, но од друга страна, ниеден клуб нема да има право на настап во Евролигата без најмалку 7 милиони евра.


