МЗТ Скопје ја продолжува доминацијата во домашната кошарка и 12. пат во историјата е освојувач на Купот на Македонија.
Во едно од најдраматичните финалиња во историјата, аеродромци го победија Пелистер со 62-60 и го одбранија пехарот во ова натпреварување.
Овој триумф има уште поголемо значење ако се знае дека МЗТ Скопје се соочи со огромни проблеми во денешното финале. Во раната фаза од мечот се повреди Војдан Стојановски, Дамјан предвреме го заврши натпреварот поради пет лични грешки, па Васко Атанасов мораше често да експереиментира. Сепак, до израз повторно до израз дојде шампионското срце на кошаркарите на МЗТ Скопје кои со кош во финишот дојдоа до победата.
Како последица на проблемите на скопскиот тим, Пелистер постојано водеше од средината на втората четвртина до финишот на мечот. На полувреме беше 36-31, а најголемата разлика изнесуваше осум разлика, на нешто помалку од три минути пред крајот. Во тие моменти Атанасов мораше да го повлече Војдан од игра бидејќи болките очигледно му правеа големи проблеми и во игра влезе Робев, еден од хероите на МЗТ Скопје.
По 50-44 за Пелистер, Робев постигна 13 поени во низа и беше најзаслужен што МЗТ израмни на 57-57. Кога тој застана, на сцена стапи Ворку кој прво погоди тројки за 60-59, а откако Планиниќ израмни од линијата за слободни фрлања, американскиот плејмејкер го постигна кошот за победа на околу три секунди пред крајот.
Робев на крајот беше најефикасен играч на МЗТ со 13 поени, Танасковиќ постигна 12, а Дамјан Стојановски 10. Костоски со 15 поени го предводеше Пелистер кој ја пропушти најголемата шанса да дојде до својот прв трофеј во клупската историја.


