Пред дербито во Првата лига против ТФТ, Работнички направи промена на плејмејкерската позиција, во надеж дека ќе продолжи со добрите резултати во домашниот шампионат.
Од тимот од Градски парк си заминува српскиот интернационалец Михаило Јовичиќ кој одигра само три натпревари во Првата лига, но не ги оправда очекувањата имајќи предвид дека просечно постигнуваше по 3,7 поени. Имаше проблем и со повреда, доживеана пред мечот од првото коло против Феникс поради што не играше и со Шкупи, а на дуелите со Вардар, Чаир и МЗТ Скопје постигнува вкупно 11 поени. Нешто подобар беше во АБА 2 каде постигнуваше по 9 поени, но тоа не се одрази на резултатите бидејќи Работнички на трите натпревари на кои играше Јовичиќ, претрпе три убедливи порази.

На негово место доаѓа познато лице во македонската кошарка. Станува збор за поранешниот играч на Пелистер, Малколм Бернард кој по помалку од една година се враќа во Македонија. Тој беше член на битолскиот тим на почетокот од ланската сезона, одигра вкупно 18 натпревари за Пелистер во домашното првенство и АБА 2 и имаше солиден ефект од околу 14 поени по меч во двете натпреварувања. На полусезона замина во Домжале, а сега се враќа во Македонија, но во дресот на Работнички со кого потпиша договор до крајот на сезоната.
По пет одиграни кола, Работнички се наоѓа на делба на второто место на табелата во Првата лига со биланс од четири победи и еден пораз.


