Чикаго Булс синоќа му оддадоа голема почит на својот поранешен играч Дерик Роуз откако на специјална свеченост ја повлекоа од употреба неговата „единица“.
Поранешниот плејмејкер на „биковите“ е само петтиот играч во историјата на франшизата коој ја доживеал оваа чест, по Џери Слоун, Боб Лав, Мајкл Џордан и Скоти Пипен. Отсега па натаму и засекогаш, дресот на Роуз ќе ги краси сводовите на познатиот „Јунајтед Центар“.
Церемонијата на подигнување на дресот се одржа по натпреварот меѓу Чикаго и Бостон, па повеќето навивачи останаа на своите места уште еден час – поради Роуз. Роуз беше еден од милениците на фановите, играчот што ја одбележа најдобрата ера на Булс по онаа на Џордан и последниот МВП на лигата што го даде Чикаго. Најмладиот MVP во историјата на лигата…
„Ова патување никогаш не беше за мене. Стануваше збор за создавање синергија од која луѓето од овој град можат да црпат. И некако јас бев тој светилник или тој генератор за тоа – за играње кошарка. Сето ова, овој момент, сè уште се обидувам да го прифатам… Само се чувствувам благодарен. Ја чувствувам поддршката и љубовта од навивачите и навистина сум благодарен “, им се заблагодари Роуз на навивачите.
Роуз, роден во Чикаго, одигра осум сезони за Булс откако беше избран на драфтот во 2008 година како прв пик. Прогласен е за дебитант на годината во 2009 година и беше трикратен Ол-стар. Во 2011 година стана најмладиот MVP во историјата на НБА.
За жал, повредите што ги доживеа подоцна силно влијаеја на неговиот развој и веројатно го спречија да стане еден од најдобрите во историјата на Булс, можеби и рамо до рамо со Џордан. Франшизата од Чикаго во 2016 година се откажа од него, па тој потоа речиси секоја сезона менуваше екипи и играше во Њујорк во два наврата, потоа во Кливленд, Минесота, Детроит и Мемфис.


