Укинувањето на суспензијата на руските спортисти од страна на Интернационалниот олимписки комитет отвори многу прашања кога станува збор за клупските спортови.
ИОК одлучи да ја суспендира Русија поради инвазијата на Украина во 2022 година, но неодамнешната одлука ги отвори сите врати за оваа земја, една од најголемите спортски сили во светот. Руските кошаркарски клубови, пред сè ЦСКА, не играат во Евролигата четири сезони. Дали тоа ќе се промени? – се прашуваат медиумите во оваа земја. По тој повод беше испратено писмо до Евролигата која експресно одговори.
„Прерано е да се занимаваме со оваа одлука на ИОК и како таа ќе влијае на нашите натпреварувања. Конечната одлука за тоа дали руските клубови повторно ќе учествуваат во Евролигата и Еврокупот ќе ја донесе Управниот одбор на Евролигата за комерцијални работи. Ќе ве информираме кога нашите акционери ќе одлучат за ова прашање“, стои во одговорот.
Речиси невозможно е претстојната сезона руските клубови да се вратат во континенталните кошаркарски натпреварувања бидејќи учесниците се веќе одредени во секое од нив и наскоро ќе се одржи ждрепката. Истото важи и за руската репрезентација која веќе ги пропушти претквалификациите за Европското првенство, па најрано би можела да се вклучи во претквалификациите за Мундијалот 2031 година. Тоа ќе направи дупка од 12 години од последното учество на големите натпреварувања (Светското првенство во 2019). Единствено од промена на одлуката можат да профитираат младинските селекции на Русија, но и тие би се приклучиле најрано во 2027 година.


