Со оглед на тоа што македонските клубови немаат многу тестови со силни странски ривали пред почетокот на новата сезона, особено не во земјава, ТФТ одлучи да преземе нешто и да организира турнир на кој ќе учествуваат три од четирите полуфиналисти од минатата натпреварувачка кампања.
Денеска и утре во Кале ќе се одржи првиот меморијален турнир „Андреј Грковски Тафта“ што, според организаторот, ќе биде најголем спектакл во претсезоната во Македонија. Првичниот план беше турнирот да биде интернационален бидејќи покана доби Ираклис и требаше да дојде уште еден тим од Косово, но Грците откажаа, па ТФТ целосно ја промени концепцијата. Во меѓувреме на МЗТ Скопје му пропадна патувањето во Кина и ова ќе биде добра можност и за аеродромци да видат до каде се во моментов имајќи предвид дека поради настапот во Кина немаа закажани пријателски дуели за овој период.

Иако станува збор за, навидум, обичен подготвителен турнир, ТФТ со своите партнери одлучи се да биде на највисоко ниво, како да се работи за завршница од официјално натпреварување, а очекува тоа да биде препознато од љубителите на кошарката и тие да дојдат во Кале во што поголем број.
Ждрепката одржана јавно во вторникот одлучи во полуфиналето да се сретнат големите скопски ривали Работнички и МЗТ Скопје, како и ТФТ и Кожув. Турнирот го отвора тимот од Тафталиџе против гостинот од Гевгелија, а потоа следува првото „вечно“ дерби по летната пауза.
До почетокот на новата сезона за Работнички и МЗТ Скопје има уште помалку од три недели и ова ќе биде сериозен тест за она што ги очекува на стартот од АБА 2 лигата. ТФТ и Кожув имаат малку повеќе време, односно цел месец бидејќи на 5 октомври почнува новата кампања во Првата лига.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
06.09.2024
18:00 ТФТ – Кожув
20:30 Работнички – МЗТ Скопје
07.09.2024
16:00 Натпревар за трето место
19:00 Финале


