Пет месеци по операцијата на лигаментите на коленото, поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Метин Саити се враќа на кошаркарските терени.
По тешката и мачна рехабилитација, тој конечно закрепна и денеска потпиша договор до крајот на сезоната со лидерот на табелата во Првата македонска кошаркарска, Чаир. Тоа е голема победа за 20-годишниот крилен центар кој важеше за еден од најголемите таленти во земјава, ги помина сите репрезентативни категории, а пред операцијата најави дека ќе се врати посилен од порано.
До тешката повреда дојде на пријателскиот меч против Словачка, во рамките на подготовките на У20 репрезентацијата на Македонија за Европското првенство што се одржа во Полска. Повредите на лигаментите се најтешки за спортистите, но Саити успеа да се врати за помалку од половина година.
Саити е производ на школата на Работнички каде исто така ги мина сите категории, па дури и одигра неколку натпревари во сениорскиот тим. Играше и во Втората лига за филијалата Работнички 2018 заедно со уште неколку младински репрезентативци кои сега се во Првата лига, како Андреј Шошкиќ и Петар Бошалески.


