Искусниот американски стручњак Мајк Браун е првиот тренер кој сезонава доби отказ во НБА лигата.
По 2,5 години на клупата, тој заминува од тимот од главниот град на Калифорнија, како последица на лошите резултати и пласманот на 12. место во Западната конференција. Сепак, главна вест во САД не е одлуката да му се додели отказ на Браун, туку начинот на кој е направено тоа.
Во текот на вчерашниот ден, Браун одржал тренинг, потоа и прес-конференција и никој не му кажал дека ќе биде отпуштен до моментот кога екипата тргнала на аеродром за да отпатува за Лос Анџелес каде денеска ќе се сретне со Лејкерс. Менаџментот на франшизата имал доволно време да му соопшти за својата одлука, дури и да одржи состанок со него, но некој одлучил тоа да го направи телефонски. На таа тема зборуваше и тренерот на Денвер, Мајк Мелоун кој пред повеќе од една деценија работеше во Сакраменто како асистент.
„Кога победуваше тимот, сите заслуги одеа кај Фокс и Сабонис, а кога губи, виновен е Мајк Браун. Така оди тоа. Но, сфатив дека не сум изненаден бидејќи јас добив отказ од истата личност. Тоа е одлука без стил и без храброст“, рече Мелоун.
Браун беше назначен за тренер на Сакраменто во мај 2022 година и во својата прва сезона го доби признанието за тренер на годината во НБА. Таа сезона Кингс имаа биланс 48/34 и влегоа во плејоф првпат по пауза од 17 години и по голема борба испаднаа од Голден Стејт со 3-4. Минатата натпреварувачка кампања испаднаа во плејин од Њу Орлеанс, а во моментов имаат 13/18.
Привремена замена за Браун ќе биде поранешниот играч Даг Кристи, а дополнително ќе се одлучува кој ќе ја води екипата во иднина.


