Првпат во својата кариера, Горан Самарџиев ќе води екипа на меѓународна сцена, а судбината сакаше тоа да биде клубот каде што помина голем дел и од своите играчки денови.
Работнички вечерва ја пречекува Сутјеска во првото коло од новата сезона во АБА 2 во обид триумфално да се врати во регионалното натпреварување. По речиси два месеца подготовки, официјално почнува сезоната за клубот од Градски парк кој барем во есенскиот дел ќе игра на два фронта.
„Задоволен сум од моменталниот ростер и од тоа како играчите ги одработија подготовките. Физички сме подготвени, а се надевам и тактички и тоа ќе го покажат натпреварите што следуваат. За жал, не одигравме натпревари со странски ривали, а тука мислам на тимови со поголем квалитет, но што е тука е.
Во новата сезона очекувам да играме со многу поголема енергија и да се бориме за секоја топка, како во АБА 2 лигата, така и во македонското првенство. Во АБА 2 лигата секоја победа за нас ќе биде од големо значење со оглед на тоа што нашата група е најсилна од сите четири. Но, ние на секој меч ќе одиме на победа и ќе се обидеме максимално да уживаме во кошарката. Секако дека на домашна сцена ќе се бориме за сите трофеи.
Како што кажав, во АБА 2 ја добивме најсилната група, но немаме друг избор освен максимално да се бориме на секој натпревар. Натпреварот со Сутјеска ќе биде вистинско мерило за нашите моментални сили и формата. Сутјеска е искусен тим со одличен тренер кој добро знае како е да се игра во АБА лигата. Ќе биде тешко, но јас очекувам голема поддршка од Сити Парк Бојс и секако останатите навивачи на Работнички кои би сакал да дојдат во што поголем број за да ни дадат поддршка на овој натпревар“, рече Самарџиев.
Натпреварот меѓу Работнички и Сутјеска се игра од 18 часот во Кале. Директен телевизиски пренос нема да има што е доволен повод навивачите на скопскиот тим да дојдат во живо да го проследат натпреварот.


