Горан Самарџиев ја доби довербата и претстојната сезона ќе го води тимот на Работнички, одлучено е на денешниот состанок на Управниот одбор на клубот.
Кавадарчанецот ја презеде тренерската функција во октомври минатата година, како замена за Димитар Мираковски и успеа да го консолидира тимот кој под негово водство стигна до второто место на табелата по основниот дел од првенството. По завршувањето на сезоната, структури во клубот беа на мислење дека треба да дојде до смена на тренерската позиција, дури беа воспоставени контакти со други стручњаци, но на крајот преовлада ставот дека Самарџиев треба да продолжи со својата работа.
Освен ова, Управниот одбор на Работнички донесе конечна одлука за настап во АБА 2 лигата и веќе се уплатени потребните 25 илјади евра за специјалната покана.


