Најтрофејниот тим во земјава Работнички се врати на победнички патеки откако во претходното коло загуби во скопското дерби од ТФТ.
На гостувањето кај Тиквеш, 15-кратниот шампион славеше со 85-81 за петти триумф оваа сезона во Првата македонска кошаркарска лига. Тоа е и втора победа на Работнички во вториот меч против Тиквеш во Кавадарци откако на тренерската позиција е кавадарчанецот Горан Самарџиев.
Натпреварот имаше драматична завршница откако речиси цел меч Работнички се наоѓаше во водство. Тиквеш имаше 5-4, во вторара четвртина 35-33, но главно ја бркаше предноста на противникот. На стартот на вториот период гостите ја достигнаа највисоката разлика, од 11 поени (51-40), но Тиквеш успеа да се врати во игра и во последната четвртина да направи драма.
На помалку од две минути пред крајот, домаќините поведоа со 76-74 по што почна ревија на тројки. Робев и Ѓуроски погодија за Работнички, а Грин за Тиквеш, за по слободните фрлања на Дубински, гостите да поведат со 82-79. Во клучниот напад Грин се обиде да израмни со тројка, но не беше прецизен и Дубински од линијата за слободни фрлања го постави конечниот резултат.
Полутак со 20 поени и 12 скока беше најдобар играч на Работнички, но против својот поранешен клуб се истакна и Дубински кој постигна 17 поени, 6 скока и 6 асистенции. Ѓуроски со 16 и Ефремовски со 15 поени беа стандардно добри во победничката екипа. Новиот играч Пантелиќ со 23 поени го предводеше Тиквеш.


