Дебито на меѓународна сцена не помина според желбите на Горан Самарџиев откако неговиот Работнички синоќа загуби од Сутјеска на отворањето на новата сезона во АБА 2.
Нашиот најтрофеен тим беше далеку од она што го очекуваа навивачите и беше поразен со 13 разлика во меч во кој противникот имаше и +26. На една недела пред почетокот на првенствените натпревари, Самарџиев е свесен дека пред него и играчите има уште многу работа.
„Сутјеска заслужено победи, ние не бевме на висина на задачата. Одигравме добро само една четвртина, а тоа не е доволно за да му се парира на искусен тим како Сутјеска. Паднавме во играта по излегувањето на Јовичиќ, нашиот втор плејмејјкер не одговори соодветно, противникот направи разлика и потоа беше тешко да се вратиме. Во последната четвртина, кога стана јасно дека натпреварот е загубен, момците се опуштија и почнаа да играат. Се гледа дека ни недостасува искуство, дека сме еден млад тим и пред се сме физички инфериорни во однос на противникот што во АБА прави разлика. Ќе се обидеме да извлечеме поука од овој пораз и да се подобриме во следните натпревари“, рече Самарџиев.
Во второто коло Работнички го чека уште потежок натпревар, против првиот фаворит за титулата во АБА 2 оваа сезона – Војводина во Нови Сад.


