Најтрофејниот македонски клуб Работнички го претрпе и третиот пораз во АБА 2 лигата и ги сведе на минимум шансите за пласман во следната фаза.
Сепак, тренерот Горан Самарџиев во лошата кампања во регионалното натпреварување, најде една позитивна работа – Андреј Шошкиќ. Кошаркарот кој потекнува од школата на Работнички оваа сезона има сериозна минутажа и од натпревар во натпревар игра се подобро. Синоќа против Босна, Шошкиќ помина речиси 29 минути во игра и за тој период беше еден од најдобрите на теренот со 13 поени, 7 асистенции, 3 украдени топки и 1 скока за индекс 25, што за 19-годишен кошаркар во АБА 2 лигата е одличен ефект.
“Игравме толку колку што ни дозволуваат нашите можности. За противник имавме екипа физички многу посилна од нас и не можевме да одговориме на нивната агресивна игра. Во првото полувреме имаа 8/10 шут за три поени. Не е изговор, но со таков процент не можеш, а да не отидеш во негатива. Овие натпревари се такви и ако не ги искористиш шансите што ќе ти се пружат, не можеш да се надеваш на подобар резултат.
Среќен сум што конечно еден млад македонски играч, Андреј Шошкиќ добива шанса во квалитетна лига и тоа го оправдува на најдобар можен начин. Ќе направам се што можам тој да стане сериозен играч за нашиот тим и за лигата и акцентот ќе ни биде, особено во АБА 2 натпреварите, да добива уште поголема минутажа, што ја заслужува“, рече тренерот на Работнички.
На дуелот со Босна, повеќе време на теренот од Шошкиќ помина само Стојан Ѓуроски, речиси 33 минути.


