Легендарниот македонски репрезентативец и член на генерацијата што во 2011 година го освои четвртото место на Европското првенство во Литванија, Предраг Самарџиски по неколку години се враќа во македонската кошарка, но сега во друга улога.
Откако во сезоната 2021/22 го носеше дресот на Еуро Никел (сегашен Тиквеш), еден од највисоките кошаркари во историјата на макбаскетот сега ќе биде дел од стручниот штаб на младата (У20) репрезентација на Македонија. Младинците денеска ги почнаа подготовките за Европското првенство Б-дивизија што ќе се одржи во Словачка идниот месец, а Самарџиски ќе му биде помошник на селекторот Никола Велев, заедно со Марко Докузовски. Кондициски тренер на оваа селекција е Мартин Реџепагиќ кој паралелно работи и во сениорската репрезентација.

Самарџиски пред три години ја заврши играчката, а во меѓувреме почна и тренерска кариера. Во моментов работи со млади категории во Кина, а неговото пристигнување во земјава се очекува идната недела. Со своето искуство, тој може да им биде од голема помош на кошаркарите кои се веќе влезени во сениорски води, а особено на центрите пред кои е светла иднина.
Што се однесува до Марко Докузовски, тој е еден од најдобрите стручњаци за скаутинг во земјава. Беше дел од стручниот штаб на Работнички кога клубот од Градски парк ја освои својата последна шампионска титула, а во моментов исто така е дел од сениорската репрезентација, како асистент на селекторот Берокал.


