Утре официјално почнува новата сезона во Првата македонска кошаркарска лига, сезона во која титулата повторно ќе ја брани МЗТ Скопје и ќе се обиде уште повеќе да му се доближи на Работнички.
Во текот на летото, речиси сите клубови направија ремонт во своите екипи, но малкумина од нив се решија за тренерски смени. Всушност, само два прволигаша ги сменија своите тренери со кои ја завршија минатата натпреварувачка кампања.
Станува збор за Пелистер и Гостивар кои одлучија да ја прекинат соработката со претходните кормилари. Пелистер се раздели со Дарко Радуловиќ и на негово место го постави искусниот Александар Петровиќ чиј последен ангажман беше пред крајот на 2022 година, во МЗТ Скопје. Гостиварци го вратија Љупчо Малинков кој го наследи Јорданчо Давитков откако поранешениот селектор на Македонија успеа да го спаси тимот од испаѓање.
Останатите клубови ги задржаа тренерите од минатата сезона, дури и оние кои од Втората влегоа во Првата лига. Тони Симиќ ја продолжи соработката со Шкупи, а Марин Докузовски се враќа во елитата како тренер на МКК Куманово, проект кој го презеде лани, потпишувајќи четиригодишен договор.
Горан Самарџиев остана во Работнички, Атанас Манев во Тиквеш, Васко Атанасов во МЗТ Скопје, Апостоли Апостолов на Кожув, Александар Јованчев на Вардар, Боро Смилковски на ТФТ, Денис Дервишевиќ на Феникс, а Ерхан Рамадан на Чаир.


