Бостон Селтикс ја спаси првата меч-топка на Њујорк Никс и намали на 2-3 во серијата од полуфиналето на источната конференција.
Без својата прва ѕвезда Џејсон Тејтум за кого заврши оваа сезона, Селтикс го одиграа најдобриот натпревар и победија со 127-102, но ќе мора да продолжат во ист стил ако сакаат да ја одбранат шампионската титула. Отсуството на Тејтум го надополнија Дерик Вајт и Џејлен Браун кои го одиграа најдобриот натпревар во серијата, постигнувајќи заедно 60 поени (34+26).
Отпорот на гостинскиот тим беше скршен во второто полувреме кое Бостон го доби со 68-43 и тука, всушност ја направи разликата откако првите 24 минути завршија нерешено (59-59). Најголемата шанса за пласман во конференциското полуфинале, Њујорк ќе ја има на шестиот натпревар што го игра на домашен терен, а ако успее да слави, ќе се сретне со Индијана која беше подобра од Кливленд.
За разлика од Бостон, Голден Стејт не успеа да се спаси и за него заврши оваа турбулентна сезона. Минесота славеше четврти пат во низа, сега со 121-110 и со 4-1, втора сезона по ред ќе игра во финалето на Западот. Вулфс не само што немаа проблем, туку целата работа беше завршена во третата четвртина во која водеа и со 25 поени разлика (93-68).
Џулиус Рендл постигна 29 поени и 8 скока, Едвардс додаде 22 поена, 12 асистенции и 7 скока и тие се најзаслужни за победата во овој меч. Подзиемски и Куминга го предводеа Голден Стејт со 28, односно 26 поени.


