На 11 години од последната освоена шампионска титула, во Сан Антонио се подготвени повторно да тргнат во атак на нов трофеј.
Времето за созревање на Виктор Вембанјама веќе поминува и само треба Французинот да добие соодветна поддршка за да ги повтори успесите на неговите славни претходници Дејвид Робинсон и Тим Данкан. Во текот на летото беше донесен Крис Пол, но тој наскоро ќе наполни 40 години и секако не е долгорочно решение за тимот од Тексас.
Поради тоа, менаџментот на франшизата се подготвува да почне преговори со суперѕвездата на Сакраменто Кингс, Диерон Фокс. Во тимот од Калифорнија одлучиле да свртат нова страна во своето функционирање и за таа цел планираат да се ослободат од некои од најдобрите играчи. Затоа до крајот на преодниот рок, кој истекува на 6 февруари, ќе ги сослушаат понудите за Фокс, а Спарс се заинтересирани во своите редови да го видат 27-годишниот бек.
Оваа сезона Фокс просечно постигнува по 25,2 поена, 5 скока и 6,2 асистенции, но Сакраменто е на граница на плејинот со биланс 24/22 и тоа е причината што раководството размислува да го пушти својот најдобар играч.


