Менаџментот на Сан Антонио Спарс е решен да го искористи потенцијалот на Виктор Вембанјама и да му донесе играчи со кои ќе може во блиска иднина да ја нападне шампионската титула.
Американските медиуми тврдат дека на радарот на франшизата од Тексас се две суперѕвезди – Кевин Дурант и Јанис Адетокунбо. Прашање е колку е реално да се донесат двајцата претстојното лето, но Спарс сепак ќе се обидат да го направат тоа.
За Дурант од крајот на основниот дел на сезоната се зборува дека е пред заминување од Феникс, а досега како негова следна дестинација се спомнуваа Хјустон и Голден Стејт. Со оглед на тоа што на стартот на новата сезона ќе има 37 години, јасно е дека крајот на кариерата е блиску, но сепак во него има потенцијал да одигра уште некоја сезона на врвно ниво.
Адетокунбо има желба да освои уште некоја титула во НБА, но неговиот Милвоки е инфериорен и пред елиминација во серијата со Индијана Пејсерс. Тешко е да се замисли дека тој би заминал од тимот каде ја почна кариерата, но во НБА ништо не е невозможно.


