Кошаркарите на Сан Антонио Спарс продолжуваат со фантастичните настапи во НБА-лигата. Тимот од Тексас ја забележа 11. последователна победа, откако го декласираше Голден Стејт со 123-85.
Спарс уште од самиот почеток покажаа дека нема да му дозволат на противникот да се надева на позитивен резултат. Домашниот состав отвори со неверојатна серија од 18-0, а во еден момент предноста достигна и 43 поени. Голден Стејт настапи без својот најголем адут, Стеф Кари, па беше немоќен да го запре налетот на разиграниот Сан Антонио.
Виктор Вембанјама не мораше да има особено голема минутажа, а средбата ја заврши со 12 поени и 12 скока. Сепак, Французинот повторно беше во фокусот по атрактивната акција во која забележа забивање преку Дрејмонд Грин.
Искусниот кошаркар на Голден Стејт очигледно не го прифати најдобро тој потег. Во една од следните акции влезе во контакт со Вембанјама, по што доби техничка грешка. Тренерот Стив Кер потоа го остави на клупата до крајот на полувремето.
Најефикасен кај победниците беше Стефон Касл со 32 поени, додека ЛЏ Крајер постигна 20 за Голден Стејт.
Убедливо издание имаше и Мемфис, кој го прегази Њу Орлеанс со 142-111. Гризлис одиграа извонредно офанзивно, а посебно впечатлив е податокот дека дури десет кошаркари на тимот завршија со двоцифрен број поени, со што беше израмнет НБА-рекордот. За Њу Орлеанс ова беше петти последователен пораз.
РЕЗУЛТАТИ
Њујорк – Индијана 104-106
Милвоки – Орландо 99-107
Атланта – Чикаго 117-125
Кливленд – Мајами 121-133
Њу Орлеанс – Мемфис 111-142
Јута – Хјустон 118-125
Голден Стејт – Сан Антонио 85-123
Портланд – Сакраменто 120-107
Оклахома – Лос Анџелес Клиперс 112-113


