Денеска во 13 часот требаше да се одржи нова седница на Управниот одбор на Кошаркарскиот клуб Партизан на која ќе се расправа за новонастанатата ситуација во екипата.
Жељко Обрадовиќ во средата поднесе оставка на тренерската функција, но веднаш потоа почна притисокот од навивачите да се премисли и да продолжи. Како резултат на тоа, тој се врати во Белград, имаше состанок со челниците на клубот, ама според извештаите од Србија, останал на својата одлука, да не го води повеќе Партизан.
Сепак, наводно, оставил мал простор за денеска, евентуално, да се премисли и да остане, но веројатно под некои услови, поврзани со играчкиот кадар и управата. Детали за тоа требаше да се знаат по седницата на Управниот одбор, но таа нема да се одржи денеска во 13 часот, како што беше најавено, затоа што некои од членовите побарале да биде одложена поради тоа што се во странство.
Така, за судбината на Обрадовиќ и воопшто на клубот, ќе се одлучува на почетокот од новата работна недела, а време многу нема бидејќи следниот натпревар на „црно-белите“ е на програмата на 4 декември во Белград, против Баерн. Денеска екипата ќе го одржи првиот тренинг по мечот со Панатинаикос и ќе биде интересно да се види кој ќе го води.


