Веќе неколку денови, главна тема во шпанската кошарка е судбината на тренерот на Реал, Серџо Скариоло за кого многумина тврдат дека многу скоро ќе биде минато за мадридскиот клуб.
Тој ги има симпатиите на претседателот Флорентино Перез, но против него се другите структури во кошаркарската секција кои не можат да му простат што не освои ниеден трофеј оваа сезона и испадна уште во четвртфиналето од плејофот. Главен проблем за раскин на соработката е тоа што Скариоло има уште три години од договорот кои бара да му се исплатат до крај, а од Реал се надеваат дека ќе најдат заеднички јазик. Сепак, во Шпанија веќе почнаа шпекулациите за можниот наследник на Скариоло и, според Марка, има двајца кандидати за позицијата.
На прво место е турскиот стручњак и довчерашен тренер на Панатинаикос, Ергин Атаман, тренерот со три титули во Евролигата, но кој исто така не се прослави на клупата на грчкиот тим. Во случај да не успета преговорите со него, во комбинација е поранешниот тренер на Звезда и Олимпијакос, Јанис Сферопулос, како и хрватскиот стручњак Велимир Перасовиќ кој неодамна си замина од Уникс, по пет години на клупата на клубот од Казан.


