Борац Бања Лука синоќа погоди 18 тројки во дуелот со Сутјеска и славеше со 83-75 со што го стави Пелистер во исклучително тешка ситуација пред денешната разврска во АБА 2 лигата.
Вицешампионот на Македонија сега е на деветтото место на табелата и му е потребна победа против лидерот Спартак за да остане во игра за пласман во плејофот бидејќи дури и со триумф не е сигурно дека ќе остане во топ-8. Скапо го чини поразот од Подгорица во претходното коло во кој Пелистер имаше убедливо водство за на крајот да загуби. Спартак е еден од најдобрите тимови во АБА 2 оваа сезона, во моментов лидер на табелата и главен аспирант за пласман во елитната дивизија. Дуелот меѓу Пелистер и Спартак е на програмата денеска од 12 часот.
Во пресрет на последниот натпревар, јасно е дека победа му е потребна и на МЗТ Скопје во директниот дуел за четвртото место против Широки. Босанскиот тим е домаќин на турнирот, а со утрешниот меч меѓу овие две екипи (недела, 18 часот) завршува основниот дел во АБА 2 лигата.


