Машката младинска репрезентација на Македонија доживеа пораз од Данска во последното коло од групната фаза на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Ерменија.
Противникот славеше со 89-85, по што Македонија ќе го освои петтото место во групата. Нашата репрезентација до ова коло имаше реални шанси за влез меѓу осумте најдобри, а место тоа, ќе се бори за пласман од 17. до 21. позиција.
Веројатно кошаркарите на Горан Самарџиев беа шокирани уште на почетокот на второто полувреме кога стигна информација дека Австрија загубила од Швајцарија и дека се загубени шансите за пласман во четвртфиналето. Можеби затоа во третиот период Данците поведоа со седум поени разлика, а во последниот квартал ги имаа највисоките +8 иако претходно главно беше израмнето и на голем одмор се замина со резултат 44-44. Во последните секунди од мечот, Македонија имаше можност да израмни, Данците одлучија да го бранат последниот напад при водство од 88-85, но Младеновски избрза и шутираше тројка од лоша позиција иако го имаше осамен Иванов.
Марко Луканоски беше најефикасен во македонската репрезентација со 21 поен, Младеновски додаде 17, а Иванов имаше дабл дабл со 11 поени и 10 скока. Својот прв противник во борбата за пласман, македонската репрезентација ќе го дознае вечерва, но каде и да заврши, тоа нема да биде реален одраз за квалитетот на оваа генерација која во моментов дава тројца сениорски репрезентативци на Македонија.


