Петтото засилување на Црвена Звезда ова лето предизвика најмногу внимание од сите кои досега дојдоа во редовите на актуелниот АБА шампион.
Прво поради тоа што се работи за одличен плејмејкер со долго евролигашко искуство, а второ поради тоа што е поранешен играч на Партизан. Коди Милер Мекинатер се погрижи веднаш да ја загрее атмосферата во Белград и му се закани со одмазда на Партизан чиј дрес го носеше во сезоната 2020/21.
Таму се пресели од Олимпија и требаше да биде замена за Кори Волден и остави солиден впечаток, постигнувајќи по 13,1 поен во Еврокупот и и 12,6 во Евролигата. Сепак, од него не беше задоволен тогашниот тренер Сашо Филиповски кој сметаше дека Милер Мекинтаер игра премногу индивидуално, има премногу загубени топки (2,6 во Еврокупот) и дека е директен виновник за неколку порази на Партизан. На инсистирање на словенечкиот стручњак, плејмејкерот беше тргнат од екипата иако остана член на Партизан и околу 40 дена Милер Мекинатер беше изолиран од остатокот на тимот. Очигледно, кошаркарот со бугарски пасош не го заборавил тоа што може да се заклучи од писанието на социјалните мрежи.
„Сега е време да одам и да направам нешто што стрпливо чекав со години. Луѓето немаат поим колку ми значи ова, колку долго чекав на ова, колку негативни емоции собрав за овој момент. Бабо, би сакала да си овде да видиш што следно ќе направам за тебе. Конечно се враќам на местото каде што мојата кариера тргна надолу. Но, животот секогаш се врти во круг и кога ѕвездите ќе се јават, јас ги слушам, особено кога е тоа најсјајната црвена ѕвзеда на небото“, напиша, меѓу другото, Милер Мекинтаер.
Неговата објава предизвика големо внимание во европската кошарка, па под постот коментар оставија многу познати имиња.


