На денот кога беше објавено дека НБА Европа тргнува во акција и дека клубовите кои ќе учествуваат во неа ќе имаат вкупен буџет од околу милијарда евра, во контранапад тргна раководството на Евролига.
Челниците на оваа организација најавија тужба против НБА, но не поради обид за влез на европскиот „пазар“, туку поради врбување клубови кои имаат договори со Евролигата. Претходните месеци од НБА преговараа со неколку врвни клубови од континентот и тоа, очигледно, им пречи на водечките луѓе во Евролига.
Во моментов, главна е дилемата на Реал Мадрид, дали да остане во досегашното друштво или да премине во НБА, но шпанскиот гигант не е проблем во овој случај затоа што неговиот договор со Евролига е со важност до крајот на оваа сезона. Покрај Реал, за премин во новоформираната организација се мислат и Барселона и Фенербахче чии договори, исто така, истекуваат наскоро.


