Случајно или не, на денот кога Лука Дончиќ првпат заигра и блесна против својот поранешен клуб Далас Маверикс, американските медиуми објавуваат нови информации во врска со неговиот трејд во Лос Анџелес Лејкерс.
Секако, тука се прикажува темната страна од животот на Словенецот, како што беше случај во деновите по неговата преселба во Калифорнија. Порталот Атлетик открива нови детали поради кои менаџментот на Маверикс одлучил да ја избрка својата најголема ѕвезда, освен оние дека имал прекумерна тежина и дека не играл одбрана.
„Луѓето кои последните денови сведочат за последните денови на Дончиќ во Далас, не даваат ласкава слика за професионализмот на 26-годишниот кошаркар. Го нарекуваат мрзлив и зборуваат за неговите проблеми со тежината кои често биле причина за фрустрација во тимот. Ги спомнуваат склоностите кон пивото и наргилето за што се анализирало уште кога како 19-годишник влезе во НБА лигата. Предвидуваат негова кошаркарска пропаст, ја истакнуваат здравствената историја за која некои веруваат дека ќе го доведе Лука до катастрофа во следните пет години“, наведува порталот.
Дончиќ веќе почна да игра за Лејкерс, но уште не е во посакуваната форма откако неодамна се врати од двомесечната пауза поради повреда. Само еднаш во дресот на Лејкерс отиде на 20 поени, но синоќа против Далас го оствари првиот трипл дабл како член на тимот од Лос Анџелес.


