Наместо со натпревар, сезоната 2026/27 во АБА-лигата започнува со нови проблеми. Дуелот меѓу Будуќност и Цибона, кој требаше да ја отвори сезоната во Подгорица, е одложен поради спорот меѓу раководството на лигата и судиите.
Информацијата ја потврди спортскиот директор на Цибона, Марин Рожиќ кој изјави дека загрепскиот тим нема да патува во Подгорица.
„Точно е, не патуваме во Подгорица. Информацијата е точна, колото е одложено, не знаеме што ќе биде понатаму“, изјави Рожиќ.
Според информациите на регионалните медиуми, проблемот е поврзан со барањето на судиите за зголемување на нивните хонорари. Дури 63 судии, преку адвокат, побарале повисоки надоместоци за новата сезона. Раководството на АБА лигата го одбило барањето и понудило прашањето да биде разгледано на следното Собрание на лигата. Судиската страна не го прифатила таквиот предлог, по што ситуацијата дополнително се усложнила.
Така, натпреварот Будуќност – Цибона, кој требаше да биде првиот меч за двата клуба во новата сезона, е отстранет од првичниот распоред. Според актуелниот распоред на Цибона, нов термин за дуелот сè уште не е потврден.
Ова е продолжение на турбуленциите во АБА лигата непосредно пред почетокот на сезоната. Само еден ден пред стартот веќе се појавија сериозни несогласувања околу судиската организација, а сега првиот натпревар е и официјално одложен. Интересно е тоа што претседателот на АБА, Остоја Мијаиловиќ претходните денови уверуваше дека нема да има одложување и дека новата сезона ќе почне според планот.
Засега нема потврда кога ќе се одигра Будуќност – Цибона, ниту дали проблемот со судиите ќе влијае и врз останатите натпревари од првото коло. Исто така, нејасно е што ќе се случува и со АБА 2 лигата која треба да почне идната недела.


