По фантастичниот старт на сезоната, одличните изданија и признанието за МВП вп Суперкупот, Ненад Димитријевиќ влезе во мала криза која веднаш го вклучи алармот во Олимпија Милано.
Освен навивачите, кои се свртеа против него поради играта во одбрана, низа критики изнесе и тренерот Еторе Месина кој смета дека македонскиот репрезентативец не е на нивото кое го посакува.
„Очигледно е дека има физички проблем во Евролигата, на пет натпревари изведе само четири слободни фрлања, а има мака и во одбраната. Мораме да му помогнеме, но и тој самиот мора да си помогне, а не да бара оправдувања. Во италијанското првенство нема толку физичка игра, па таму му е малку полесно“, рече Месина.
Не смее да се заборави дека и покрај тоа што има 26 години, Димитријевиќ сезонава дебитира во Евролигата, па секако му е потребен период на адаптација. Досега одигра пет натпревари во елитното натпреварување, во претходните четири одигра на високо ниво, но резултатите на Олимпија Милано не се според желбите и очекувањата бидејќи италијанскиот првак има само една победа.


