Трет пат по ред и шести во историјата, Македонија ќе биде домаќин на Европско кадетско првенство Б-дивизија.
До стартот остануваат уште два дена, шампионатот ќе се одржи од шести до 15 август, а натпреварите ќе се играат во два града – Скопје и Гевгелија. За градот на југот од Македонија, ова ќе биде прва организација на ваков настан откако претходните пет беа организирани во Скопје и Струмица. Натпреварите во Гевгелија ќе се играат во две сали – 26 Април и Ноел, а атмосферата во градот се загрева бидејќи и македонската репрезентација ќе настапува токму во овој град.
Нашите кадети веќе една недела се во Гевгелија каде се подготвуваат и ја имаат поддршката од тамошните љубители на кошарката. Атмосферата полека се загрева и се очекува на натпреварите на македонската репрезентација салата да биде исполнета до последно место што ќе биде уште еден адут за четата предводена од Дејан Стојановски.
Во групата на Македонија се уште Кипар, Исланд, Хрватска, Швајцарија и Украина, првиот меч го играме в четврток од 18:30 часот, а потребно е македонските кадети да бидат барем втори во својата група за да се пласираат во четвртфиналето.


