Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ би можел летово да ја смени средината и да си замине од Уникс.
Весникот Ла Република од Болоња тврди дека за неговиот потпис се заинтересирани поранешните европски шампиони Виртус и Олимпија Милано. Ако одлучи да замине на Апенинскиот полуостров, 26-годишниот плејмејкер ќе тргне по стапките на Петар Наумоски, Владо Илиевски и Врбица Стефанов (сите тројца плејмејкер) кои во својата кариера играа во италијански клубови.
Претходно, интерес за Димитријевиќ покажа и Фенербахче, а постојано се поврзува со Партизан иако, како што вели, конкретна понуда од белградскиот гигант на негова адреса не стигнала. Последните две години, македонскиот репрезентативец е член на Уникс каде игра во фантастична форма и веќе освои две големи индивидуални признанија: МВП на финалната серија лани и МВП на оваа сезона. Освен тоа, триумфираше во ВТБ лигата со што го освои првиот голем трофеј во кариерата.


