Четврти пат по ред и 14. во историјата, МЗТ Скопје е освојувач на Купот на Македонија што го носи името „Благоја Георгиевски Буштур“.
Актуелниот шампион и доминантна сила во домашната кошарка во последните 15 години не подлегна на фантастичната атмосфера во Куманово и во финалето го совлада МКК со 96-70 за потврда на својата доминација. Исто како лани, тимот од Аеродром ги доби трите натпревари од завршниот турнир со вкупно 75 разлика или во просек со 25 по меч.
Иако се очекуваше неизвесен натпревар, всушност се беше решено во првото полувреме кое МЗТ Скопје го доби со 15 разлика (48-33). Фантастично функционираше одбраната која е заштитен знак на шампионот години наназад. МКК Куманово и покрај големата поддршка од трибините, во вториот дел не успеа да го загрози водството на противникот, а најголемото водство на МЗТ изнесуваше 27 разлика (72-45). Колку и да се обидуваа домаќините, шампионот не дозволуваше да дојде до драма во финишот.
Мак Смит со 23 поени беше најефикасен во тимот на МЗТ Скопје, Гил додаде 13, а Танасковиќ и Магдевски по 12 со тоа што македонскиот репрезентативец додаде осум скока и шест асистенции за индекс 27. Кај МКК Куманово, Митевски, Луковиќ и Ѓуроски постигнаа по 13 поени, но потфрли вчерашното изненадување Николиќ кој против ТФТ погоди седум тројки, а вечерва заврши со шест поени од кои три во последната четвртина.


