Летото помина, завршија европските младински првенства и време е за анализа на она што се случуваше на нив.
Јуниорската селекција на Македонија освои титула на Европското првенство Б-дивизија во Скопје и обезбеди пласман во повисок ранг, младинците испаднаа од елитната конкуренција, а кадетите го освоија десеттото место на шампионатот од Б-дивизијата, исто така во Скопје. Во женска конкуренција настапија само јуниорките кои не се прославија и на Б-првенството во Романија го освоија последното место. Дваесетина дена откако официјално завршија со обврските, селекторите ја објавија својата анализа.
„Поканата да бидам селектор на У20 репрезентацијата ми дојде ненадејно во однос на тоа што навистина немав размислувано за еден таков предизвик во време во кое бев насочен исклучиво на клупските обврски. Од самиот момент кога ја прифатив истата од страна на одговорните луѓе во федерацијата ми беше претставен план за подготовки како и план за пријателски натпревари. Заеднички истиот го надополнивме и корегиравме според барањата на нашиот стручен штаб, позитивно ни беше одговорено на секое побарување, а самиот процес на подготовки помина во одлични услови и работна атмосфера.
Ми се чини дека погоре наведеното заедно со еден позитивен пристап од нас, како и отсуството на притисок во однос на резултат од страна на Федерацијата (имајќи предвид дека првенството е од А дивизија), единствени само во поставување на стандард преку овој процес и осознавање што значи да се биде репрезентативец и да се претставува оваа земја, придонесоа целиот процес на подготовки и првенство да поминат во добра атмосфера и комуникација помеѓу стручниот штаб и Федерацијата. Условите за работа беа и повеќе од коректни, исполнети беа сите побарувања на стручниот штаб во однос на сала за тренинг, суплементација и медикаменти, дополнителна опрема за тренажен процес како и соодветна теретана, со одговорност можам да наведам дека во Полска бевме и репрезентација со најмногу ‘тренажна опрема’ и дополнително чекиран багаж за да ја однесеме истата.
Гледајќи вака, единствено нешто што можеби можеше подобро е резултатите од првенството. Повеќе мислам да бевме малку подобри играчки, пофокусирани и побрзо да се адаптиравме на натпреварите. Остана впечаток дека како што одминуваше првенството бевме подобри, меѓутоа можеби можевме да донесеме опстанок за идната генерација како што претходната ни го донесе ова А дивизија првенство на нас“, рече селекторот на младинците Боро Смилковски за сајтот на Кошаркарската федерација.
Кадетите имаа шанса да се вмешаат во борбата за титулата, но имаа несреќа за нив да решаваат други репрезентации поради што на крајот учествуваа во битката за пласман од 9. до 16. место.
„Во декември 2023 бев повикан од страна на спортскиот директор при што ми беше понудена селекторската позиција за кадетската репрезентација.Имав предлог да направиме 2 селективни собири и тоа првиот во Јануари и вториот во Јуни.Предлогот беше прифатен.Веднаш потоа го утврдивме датумот за почеток на официјалните припреми.Во најкус можен рок веќе ги знаев и противниците за пријателските натпревари вклучувајќи го и традиционалниот турнир во Гевгелија. Поради одржување на европското првенство во Скопје до 18 години немавме простор да тренираме во матичната сала во вториот дел од припремите, но федерација ни обезбеди 10 дневен престој во Негорски бањи што беше и еден вид на карантин пред самото европско првенство.
Имавме можеби и перфектни услови за работа и одмор. Речиси се што побаравме ни беше обезбедено.Имавме одлична исхрана што е многу битно во напорниот тренажен процес. Ова натпреварување и воопшто собирот за оваа генерација не е прв. Претходно оваа генерација во претходните години имаше учество на неколку меѓународни турнири како дел од проектот на федерацијата “заедно до 16 години” вклучу вајќи го и Словенија бол во 2022. Затоа сметам дека имавме база за да направиме добра хемија. Нормално е дека не е секогаш идеално, но сметам дека направивме голем чекор напред од првиот пријателски натпревар до првиот натпревар на Европското првенство. Сите мали недостатоци кои се појавуваа во текот на припремите брзо ги решававме без разлика дали се работи за административен проблем, проблем во сала или нешто во надлежност на високото раководство на федерацијата. Апсолутно сите беа достапни и експедитивни со цел да имаме што е можно подобро услови. Веќе еднаш напоменав дека овој резултат е далеку од неуспех.Сметам дека немавме доволно спортска среќа.Системот е таков да со 3 победи и еден пораз не успеавме да поминеме понатака.Но е показател дека има нешто вредно во оваа репрезентација и дека истата треба да продолжи да се негува како и до сега“, посочи предводникот на кадетите Александар Јованчев.
Женската јуниорска селекција на шампионатот во Романија настапи значително ослабена, со многу помлади кошаркарки и затоа не е чудо што на крајот завршија како последнопласирани.
„Задоволен сум од се околу подготовките како ги замисливме со времетраење, со почеток, со крај. Сè беше навремено околу подготовките и немавме никакви проблеми со местото на одржување на тренинзите ниту пак со термините. Како беше замислено, така беше и остварено. Сите активности околу нашата репрезентација, суплементација, навремени спортски прегледи, брзо организирање термини за некои девојки кои имаа повреда, инфекции, сето тоа беше во најбрз рок организирано и прегледите беа завршени.
Имавме можност да одржиме само два пријателски натпревари, во Босна и Херцеговина, на повик на нивниот селектор, во градот Бужим направивме два контролни натпревари.
Тимот кој настапи на Европското првенство можам да кажам дека од база од 60 девојки дојдовме до 40 девојки преку селективни тренинзи, посета на натпревари, финални турнири дојдовме до 22 девојки, па повторно низ една недела селективни тренинзи падна бројот на 16 девојки односно 15 пред самиот крај од кои ги одбравме финалните 12 кои настапија на ЕП. Тука мора да се спомне дека ја изгубивме Ања Начевска поради болест како и нејзината сестра која беше некое време отсутна поради контакт. Во еден потег ги изгубивме сестрите Начевски кои многу ќе ни значеа на ова Европско Првенство. Но млади се, времето работи за нив. Ања има уште едно Европско првенство до 18 години, а Мила има уште едно до 16 и две до 18 години така да ќе имаат што да покажат во годините кои се пред нив.
Девојките кои ги одбрав, последните дваесетина, се најдоброто кое во моментов го има македонската женска кошарка, без разлика што имаше шест – седум девојки кои се помлади по две, три па и по четири години, тие се најдоброто во моментов и стојам зад тоа дека се иднината на македонската кошарка. Јас бев минатото Европско Првенство ментор на селекторот Јелена Антиќ значи две Европски првенства за жени до 18 години сум присутен и добро ја познавам базата во македонската женска кошарка и тврдам дека отидов со помлад состав кој во иднина ќе има што да каже на следните првенства до 16 и до 18 години.
Во тие девојки мора да веруваме, само мора да им се обезбеди како и досега убав тренажен процес во клубовите, добра грижа од Федерацијата, навремени и добро организирани подготовки за репрезентацијата и се разбира турнири преку целата година.
Дел од девојките со мене настапија и на два турнир М16 во последните десетина месеци и исто така сум задоволен од тоа што го прикажаа и што го добивме како организација од Федерацијата за подготовка на тие два турнири. Се надевам дека и понатаму Федерацијата ќе организира турнири преку годината за М16 бидејќи јас сум матичен селектор на таа репрезентација и дека за следното првенство во М16 догодина ќе имаме два до три подготвителни турнири каде што ќе ја следиме формата на репрезентативките.
Од пласманот нормално никој не може да биде задоволен меѓутоа со оглед на тоа дека полека ја враќаме женската кошарка на мапа на Европа бидејќи имаше еден период кога нашите девојки не учествуваа на Европски првенства така да со овие две ЕП полека правиме база. Догодина ќе се учестува и на М18 и на М16 Европско првенства и полека создаваме поконкретна база од девојки кои се надевам ќе го зголемат квалитетот со своето присуство во домашните лиги во младинските лиги и во Првата лига.
Околу соработката со Федерацијата немам никакви забелешки, се ми беше овозможено навреме, се што побарав и лани со Јелена Антиќ и оваа година со м ојот стручен штаб се што замисливме од сала, термини, нагледни средства, здравствени прегледи, прегледи за повредените играчи така да околу целата таа организација околу нашите подготовки немам никаква замерка и треба така да се продолжи ако сакаме девојките да напредуваат, да работат во добри услови да пружат се подобри резултати во иднина.
Сакам да се заблагодарам на својот стручен штаб, асистентот Методија Бешлиовски кој беспрекорно ја заврши својата работа. Исто така голема благодарност до Јана Петрова која по сугестија на Федерација требаше да ни се приклучи како млад студент на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и да и помогнеме да се заљуби едноставно во оваа работа и да планира во иднина да стане тренер. Ние навистина имаме недостаток на женски тренери и во иднина се надевам како неа многу други поранешни кошаркарки или студенти ќе сакаат да земат учество и да гледаат одблиску како течат едни подготовки на една репрезентација.
Голема благодарност и до докторот Мазневска и до физиотерапевтот Никола Арсиќ кои беспрекорно ја завршија работата, беа премногу точни и прецизни во санирање на повредите во подготовката за натпреварите така што не се судривме со поголем број на повреди“, рече селекторот на јуниорската женска селекција Горан Крстевски.


