Кошаркарската репрезентација на Македонија ги доби Австрија и Кипар за противници во втората претквалификациска фаза за Европското првенство во 2029 година.
Иако ждрепката беше по мерка на речиси сите кошаркари и стручниот штаб, селекторот Жосеп Марија Берокал ги смирува страстите и тврди дека Македонија ја очекуваат мошне сериозни ривали. Како главен услов за успех во овој сегмент наведува еден фактор – да ги има на располагање сите најдобри кошаркари, без да го крпи составот како што беше случај досега.
„ Австрија и Кипар се добри репрезентации, доаѓаат од квалификациите за Светското првенство и ќе видиме што ќе ни донесат овие натпревари. Имаме шест недели до почетокот на подготовките, кои ќе бидат многу важни за нас, затоа што нè очекуваат тешки натпревари, а стартуваме со гостување во Австрија.
Најважно ми е да ги имаме сите играчи на располагање, добро да се подготвиме и се надевам дека сите ќе можат да се јават на повикот. Желбата ми е да играме во најсилниот ростер. Се надевам дека во август ќе го имаме најдобриот можен тим за дуелот со Австрија и успешно ќе ја започнеме оваа квалификациска рунда“, вели селекторот.
Августовскиот прозорец од претквалификациите ќе биде и најважен за македонската репрезентација. Без разлика што играчите во тој период се во фаза на подготовки со своите клубови, триумф против Австрија на гости ќе биде огромен чекор кон главните квалификации.


