Македонската кошаркарска репрезентација вечерва ја пречекува Естонија, а пред мечот што се игра во Кале, интересна изјава даде противничкиот селектор Јука Тојала, фински стручњак кој од 2019 година ја предводи Естонија.
За тамошните медиуми, тој рече дека него и кошаркарите ги очекува пеколна атмосфера и се сеќава дека играл тука пред 29 години, како дел од финската репрезентација, во квалификациите за Еуробаскетот 97 што се одржа во Барселона.
„Веќе сум бил тука во 1995 година, тоа е вистинска мечкина дупка. Поради болест, седев на клупата и не одиграв ниедна минута, но се сеќавам дека од чад од цигари не можев да го видам кошот кој се наоѓаше на спротивната страна“, се сеќава Тојала.
Всушност, тој натпревар не се играше во Кале, туку во Градски парк и Финска победи со 102-94 по две продолженија. Мечот го одбележа тоа што Македонија имаше предност и од 20 поени разлика во првото полувреме (53-33), но Финците направија пресврт и по дополнителни 10 минути дојдоа до победата. Петар Наумоски, кој на тој натпревар постигна 40 поени, ги одигра сите 50 минути. Финците имаа голема поддршка во салата во Градски парк од тогашните припадници на УНПРОФОР во Македонија кои ја окупираа цела трибина под големиот семафор и беа прилично бучни и во текот целиот меч и при прославата на победата.
На реваншот во Хелсинки, Македонија се реваншираше и победи со 85-77, но на крајот го освои третото место во групата и не успеа да се пласира на Европското првенство, на кое од групата отидоа Италија и Словенија.


