Репрезентацијата на Германија ги обедини светската и европската титула откако вечерва славеше во спектакуларното финале на Еуробаскетот против Турција со 88-83.
Германците го завршија првенството со максимален ефект од 9-0, покажувајќи дека во моментов се доминантна сила на континентот. Иако неколку пати се наоѓаа на прагот на бездната, во клучните моменти беа посигурни и помирни и заслужено стигнаа до големиот триумф.
Турција одлично го отвори натпреварот, водеше со 13-2, но до крајот на првата четвртина Германија го сврте резултатот во своја корист (24-22). И покрај тоа, Турците продолжија да го диктираат темпото, пред крајот на првот5о полувреме имаа и +8 (46-38), но се се решаваше во последните три минути. По неколку пресврти, Турција преку Ларкин поведе со 83-82 на 94 секунди пред крајот, за потоа одговорноста во свои раце да ја преземе Денис Шредер. Капитенот на германската репрезентација ги постигна последните шест поени за својот тим, запечатувајќи ја судбината на противникот.
Освен него, огромна заслуга за триумфот има Исак Бонга кој постигна 20 поени со шут за тројка 4/4, а го имаше и клучниот скок на околу 25 секунди пред крајот по кој Шредер беше фаулиран и ја однесе Германија на +3. Плејмејкерот заврши со дабл дабл од 16 поени и 12 асистенции, а Вагнер заврши со 18 поени и 8 скока.
Кај Турција, која пропушти историска шанса да дојде до првата титула, Алперен Шенѓун постигна 28 поени, но промаши исклучително важен напад во финишот, додека Џеди Осман постигна 23 поени со шест тројки од девет шута.
За германската репрезентација, ова е втора европска титула во историјата, прва по 1993 година кога триумфираше на домашен терен.


