Екипата на Тренто оствари сензационална победа откако вечерва како гостин го совлада актуелниот шампион на Италија, Виртус со 87-85.
Освен тоа што е бранител на трофејот, тимот од Болоња до ова коло беше лидер на табелата во првенството, додека Тренто се наоѓа на средината. Виртус се наоѓаше во водство безмалку цел натпревар, во последната четвртина имаше и +11, но Тренто не се откажа и дојде до големата победа.
Прво направи серија од 14-2 и се доближи на 77-78, а кога Виртус се оддалечи на 85-79, Тренто го заврши мечот со осум поени по ред, вклучувајќи го и победничката тројка на Калиф Бетл на точно една минута пред крајот. Во последните напади двете екипи не успеаја да поентираат и Виртус мораше да му честита на гостинскиот тим.
Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски повторно одигра добар натпревар и беше еден од четворицата двоцифрени во својот тим. За 32 минути во игра постигна 12 поени и четири скока, со шут за два 2/6, за три 2/4 и од линијата за слободни фрлања 2/2.


