Вчера во Самоков почнаа квалификациите за групната фаза во Лигата на шампионите, а исходот од тие натпревари го тангираат и македонскиот првак МЗТ Скопје.
Дури три потенцијални ривали на аеродромци во ФИБА Европа купот учествуваа(т) во квалификациите поради што нашиот тим уште не го знае точниот состав на својата група. Прв на терен вчера излезе германскиот Вирцбург кој доживеа сензационален пораз од Манчестер со 73-74. Поените за победа на британскиот претставник ги постигна Лук Нелсон од линијата за слободни фрлања на четири секунди пред крајот, елиминирајќи го со тоа големиот фаворит.
Тоа значи дека Вирцбург продолжува во ФИБА Европа купот и е трет познат ривал на МЗТ Скопје во групната фаза, покрај Тарту од Естонија и Ираклис од Грција.
Останатите два противника на МЗТ ќе бидат познати најдоцна до крајот на оваа недела кога завршуваат квалификациите. Полскиот Џики вчера беше подобар од Опава од Чешка со 116-99 и во четвртфиналето в четврток ќе игра против Рига од Летонија. Кипарскиот АЕК својот пат во квалификациите го почнува утре против Орадеа од Романија.


